Регистрирај Pazar3 сметка и добиј 50 денари!

Летување во камп приколка - предности и недостатоци

Летување во камп приколка - предности и недостатоци


Имате авантуристички дух, и размислувате за летување во камп приколка во следниот период наместо да ги користите сместувачките капацитети на некои хотели и апартмани? Одлично!

Во оваа статија, ќе прочитате кои се предностите кои ви ги нуди летувањето во камп приколка, кои се недостатоците, на што треба да внимавате, и зошто всушност овој тип на летување треба да се искуси макар еднаш во животот!


Предности

Најпрвин, да започнеме со тоа кои се предностите кои ви ги нуди летувањето во камп приколки, а овие информации ќе ви бидат од исклучителна важност особено доколку никогаш не сте одлучиле на ваков чекор!


Слобода на движење и блискост со природата

Наместо да бидете сместени на едно место, и да ги посетувате истите плажи и места кои што се наоѓаат на дестинацијата во која престојувате, летувањето во камп приколка ќе ви понуди да уживате во слободата и го почувствувате секој минат момент со окружувањето.

За ваша среќа, како и во Македонија, така и ширум светот постојат одлично уредени кампинг летувалишта во кои што би можеле да престојувате на сигурно, но, и да направите чекор плус и да престојувате буквално на секое место кое што ви изгледа примамливо.

Всушност, ова е и најголемата причина поради која летувањето во камп приколка зема се поголем замав помеѓу граѓаните, особено кај оние кои што покажуваат афинитети кон камперство, кампување и природни активности.

Покрај ова, летувањето во камп приколка ќе ви понуди и можност да летувате повеќе денови, на повеќе локации што е уште една причина плус која би требало навистина да ве натера да размислувате за ваков тип на летување!

И да, да не заборавиме, погледот кој што ќе ви го понуди местото во кое што го планирате летувањето ќе биде навистина вреден за паметење, а слободата која ќе ви ја понуди окружувањето е далеку подобра од онаа која ќе ви го понуди сместувањето во неколку квадрати затворен простор.


Економичност

Трошоците за летување во камп приколка се далеку поевтини од трошоците кои сте приморани да ги платите за резервирање на хотелски соби, апартмани, куќи и вили, за 7, 10 или повеќе денови.

Се разбира, комодитетот не може да се мери со хотелите од 5*, но, сепак, имајте предвид дека вашата камп приколка сепак нуди високо ниво на удобност, и претставува и подвижно живеалиште кое ќе направи да се чувствувате како дома каде и да одите.

Исто така, важно е да се напомене дека вие без никаков проблем би можеле да патувате и на по елитни дестинации, а трошоците ќе ви бидат буквално како и обично, кога патувате со сопствен аранжман преку користење на вашите возила и автомобили.


Вашиот багаж не мора да има лимит

Наместо да се грижите дали ќе ви фали некое парче облека или обувки, користењето на камп приколка ќе ви понуди решение на овој проблем, бидејќи во него, а и во вашите возила ќе имате доволно место за да заминете подготвени на вашиот заслужен годишен одмор.

Покрај опремата, вие без никаков проблем би можеле да ги понесете и вашите домашни миленици - мачки, кучиња и сл, за да летувањето ви биде исполнето со сите членови на вашиот дом и семејство!

За споредба, гореспоменатите работи би ви биле до некаде и лимитирани при престој по хотели и апартмани, бидејќи некој друг веќе има поставено правила и кодекс во сместувачките капацитети наместо вас.

Но, ова нема да биде ваш проблем, бидејќи вие сте тие кои што го планираат местото за летување, периодот на престој, и се разбира, вие ќе бидете тие кои што ќе патуваат со онаков багаж каков што сакаат, и број на миленици колку што сакате.


Моменти за паметење со семејството

Дневните обврски, брзиот начин на живот и рутината од 09:00 - 17:00 не секогаш ни остава доволно простор за да поминете време со најблиските членови на семејството, пријателите, и се разбира - децата, па така, годишниот одмор најчесто е моментот кога можеме повеќе да се посветиме на нив.

Една од предностите кое ги нуди летувањето во камп приколка се уникатните моменти со семејството како што е поставувањето на логорски оган (онаму кај што е тоа дозволено), правењето на скара, прошетките по најразличните плажи, преноќувањето на најразлични локации и што уште не!

Сите овие моменти ќе ве зближат со семејството и со најблиските пријатели со кои можеби и го планирате летувањето, па така, спомените нема да бидат отсликани само на слика на вашите мобилни уреди или камери!


Недостатоци

Откако ги проследивме бројните предности кои ги нуди летувањето во камп приколки, она што сега следува е да дознаете и кои се потенцијалните недостатоци кои ги нуди оваа опција.


Недостаток на санитарни услови

Во споредба со летувањето во апартмани, куќи, вили и викендици каде што на располагање ќе имате најразлична бела техника, машини за перење, машини за садови и добро организирани бањи, овие работи нема да ви ги понудат постарите модели на камп приколки кои најчесто се користат во Македонија.

За волја на вистината, ова не е случајот со поскапите и современите камп приколки кои во голема мера го нудат овој "луксуз", но, сепак, знаејќи ја ситуацијата во државата каде голем број од сопствениците имаат некои од југословенските модели како Adria, условите не би биле еднакви со оние кои ги нудат хотелите и апартманите.

Во секој случај, убавината во кампувањето е и да се биде поблиску до природата, како и да се излезе од комфор зоната, па така, како кампери кои сакат да летуваат во камп приколка, ова не би било голем проблем за вас.


Не секое возило е погодно за транспорт на камп приколка

Во зависност од јачината на возилото, но, и од големината на самата камп приколка, транспортот може да биде малку стресно, а причината е тоа што мора од време на време да внимавате дали приколката е добро припоена со возилото, а начинот на возење е далеку поразлично од стандардното.

Зошто? Бидејќи секоја дупка на патиштата може да се одрази негативно врз камп приколката во поглед на безбедноста, брзината мора да биде пониска од онаа на која што сте научени да возите по автопат, а голем дел од законите на странските држави забрануваат патниците да бидат во камп приколката за време на патувањето поради безбедносни причини.

Но, ова не мора да биде и огромен проблем за вас, доколку, се разбира, возите внимателно и се придржувате на безбедносните мерки пропишани во странските земји во кои планирате да патувате, или пак во оние во Македонија.


Која е вашата одлука за престојниот годишен одмор? Летување во камп приколка или пак, летување во апартмани, куќи и вили?

Одлуката ја оставаме само на вас, а доколку одберете летување во камп приколка, се надеваме дека сега имате подобра претстава околу предностите и недостатоците кои ќе ви ги понуди оваа опција!

Кон почеток

Нашиот сајт користи колачиња (Cookies). Со кликнување на “Се согласувам” или со продолжување на користење на сајтот, се согласувате со користењето на колачињата. Доколку не се согласувате, можете да ги промените подесувањата на Вашиот пребарувач.

Повеќе Информации