Регистрирај Pazar3 сметка и добиј 50 денари!

how to make balance between professional and private life


Како да направите баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот


Балансирањето на релација професионален-приватен живот се чини како една од најтешките работи во нашиот живот, впрочем, брзиот начин на живот честопати прави и да заборавиме дека работата не треба да не попречи до тој степен да заборавиме да живееме!

Поради тоа, Пазар3 се одлучи да ви понуди неколку важни совети кои ќе ви помогнат да пронајдете баланс се со цел да бидете порелаксирани и посреќни како на работното место така и вон него!


Дефинирајте си што подразбирате под "баланс"

Перцепцијата за што се подразбира под баланс не е иста кај секој човек, за некого,  потребно би било денот да трае повеќе од 24 часа за да може да ги избалансира работните обврски со личниот живот, а за други пак, перцепцијата е тотално различна.

Се разбира, работата е она кое ни помага да си ги платиме сметките, да имаме доволно средства не само за да го преживееме месецот туку и да си ги обезбедиме оние работи кои не прават среќни.

Па затоа, потребно е сами да дефинирате што ве прави среќни, дали тоа е исклучиво материјалното, или пак, најблиските - семејството и пријателите?

Бидејќи верувајте, иако во моментов не можете да замислите дека овие работи можат да се избалансираат, сепак во пракса тоа е и возможно.

На пример, ако не сте приморани да работите прекувремено или за викенди, не мора да го правите тоа, искористете го овој период за да се одморите и да се посветите на она што ве прави среќни - времето поминато за најблиските, хобито кое што долго време го оттргнувате и сл.

Некогаш финансиските средства не можат да ви понудат мемории и среќни моменти како што може да ви го понуди времето поминато со она што ве исполнува.


Креирајте листа на приоритети

Иако 8 часа во денот ќе ви бидат поминати во работа, тоа не значи дека останатиот дел од времето би требало да ви помине исклучиво во одмарање и гледање на серии во домашна атмосфера.

Организирањето на времето е од клучна важност како на работното место, така и во приватниот живот, па затоа, ве советуваме да креирате листа на приоритети на работи кои што сметате дека го заслужуваат вашето внимание.

На овој начин, вие ќе можете привремено да се "ослободите" од работите кои во моментот не ги чувствувате како приоритетни, од друга страна, би имале доволно време да одвоите неколку часови за да се посветите на она што го сакате.

Тоа може да биде спорт и рекреација, викенд патување на некоја локација, пиење на кафе со пријателите, или вечера со семејството!

Покрај ова, имајте на ум дека не постои "совршен" распоред, како што не постои ниту совршен баланс, што значи дека не мора никогаш да целите кон совршенство, туку малите работи и добро организираното време се клучни за да се чувствувајте спокојни.


Одберете работа која што ве исполнува

Често ја слушаме фразата "одбери ја работата која што ја сакаш, и веќе ниту еден ден во твојот живот нема да мора да работиш", иако за некои звучи клише, сепак, во реалниот живот постојат многу луѓе кои што работат професии за кои што немаат никаква љубов.

Бидете сигурни дека никогаш не е доцна за промена на работното место, професијата, ниту за да започнете нешто свое за кое што сте мечтаеле и покажувале афинитети целиот живот.

Тоа може да биде одлична ИТ работа, маркетинг и медиа, инженерство, чување и грижа за деца, козметичка нега, или административна работа, изборот е ваш!

Доколку почувствувате дека полека но сигурно ги губите конците на работното место, и дека тоа влијае врз вас во приватниот живот до тој степен да не можете да пронајдете позитивни страни вон работата, тогаш нешто навистина не е во ред.

Промената ќе биде позитивна за вас и за сите околу вас, бидејќи тоа ќе направи да бидете по ведри, расположени и полни со енергија кои досега, беа буквално само мисловна именка за вас.


Поставете граница помеѓу приватниот и професионалниот живот

Факт е дека сме живи суштества на кои што индиректно и директно можат да влијаат многу работи, а поради тоа, често луѓето имаат проблеми да се посветат на работата поради приватни проблеми, или на  најблиските поради работни проблеми.

Затоа, поставете си граница - кога сте надвор од работното место не сте обврзани да ги читате пораките, да размислувате што ве чека наредниот ден и кои обврски треба да бидат финализирани до крајот на неделата.

Од друга страна, кога сте на работа, не мислете на ништо друго освен на работата, одвојте си време за пауза и поразговарајте со колегите за теми кои можат да бидат во склоп со работата или вон неа.

Oна кое што многу психолози го нудат како решение и совет за луѓето во овој поглед е да застанат зад себе па дури и да разговараат со надредените дека по работењето, тие не се секогаш во можност да вратат на некои важни пораки.

Исто така, кога сте на кафе или поминувате убаво со пријателите и најблиските, не мора секогаш темите на разговор да ви се исклучиво само работа, работа и работа.

Ова ќе ја потроши и онаа малку енергија која ја имате за да уживате, а и би станале и здодевни за слушање бидејќи не секој сака постојано да зборува за работа.

На овој начин, вие ќе пронајдете подобар "баланс" помеѓу приватниот и професионалниот живот, а тоа ќе има фантастични позитивни резултати кај вас и на лично и на професионално поле.


Направете си простор за себе и научете да кажете "не"

Луѓето честопати сакаат да направат се во еден здив,  да заработат пари, да бидат успешни во кариерата, да се веселат и да бидат во одличен контакт со сите во своето окружување без притоа да размислат за својата лична приватност.

Доколку почувствувате дека притисокот од работата и барањата од оние околу вас се зголемуваат се повеќе, во тој случај, би ве советувале да кажете не, а тоа време да го поминете во свое лично уживање - гледање филмови, читање книга, фитнес, односно како што буквално сакате!

Се разбира, одлично би било и доколку не ги користите вашите мобилни телефони или електроника барем неколку часа со цел да одморите квалитетно, но, и за да ја промените рутината на која што секојдневно сте изложени.

Привременото, комплетното изолирање од се драстично ќе ви го разбистри умот, ќе ве одмори од постојаните притисоци, и најважното - ќе имате доволно сила за да повторно бидете одличен колега, работник, пријател и член на семејството!


Обрнете внимание на здравјето

Имајте на ум дека во преден план треба секогаш да биде грижата за вашето здравје, без разлика дали станува збор за физичко или пак за ментално здравје, бидејќи тоа е од клучна важност за да можете да направите и имате вистински баланс на секое поле.

Тоа подразбира внесување на доволно вода во текот на денот, избалансирана храна, и се разбира, физичка активност бидејќи таа е клучна за правилен живот кој што ќе биде исполнет со помалку стрес.

За волја на вистината, речиси моментално и да не постојат професии кои што не бараат од вас долгочасовно седење и гледање во мониторот при работа.

Тоа може да се промени во секое време, а воедно, би можеле дури и да ги повикате вашите пријатели/колеги за да вежбате заедно.

Практикувајќи го ова, вие ќе направите одличен баланс на релација работа - лично здравје - приватен живот.


Се надеваме дека овие совети ви помогнаа при одвојување на приватниот од професионалниот живот, како и во наоѓање на баланс кој што знае да биде и доста комплициран доколку не сте организирате како што треба!

Па, кој е вашиот став? Како вие правите баланс помеѓу приваниот и професионалниот живот? Како се справувате со предизвиците?

Кон почеток

Нашиот сајт користи колачиња (Cookies). Со кликнување на “Се согласувам” или со продолжување на користење на сајтот, се согласувате со користењето на колачињата. Доколку не се согласувате, можете да ги промените подесувањата на Вашиот пребарувач.

Повеќе Информации